Група Белоруси, од неодамна пуштени на слобода во големо ослободување на политички затвореници, ги опишаа годините на мрачни, а понекогаш и садистички услови во затворот додека зборуваа јавно, некои за прв пат по години.
Вкупно 52 лица беа ослободени и им беше наредено да ја напуштат Белорусија на 11 септември, кратко откако висок американски претставник се сретна лично со долгогодишниот моќен лидер Александар Лукашенко во Минск.
Меѓу ослободените беше Ихар Лосик, поранешен новинар на белорускиот сервис на РСЕ/РС, и Алена Цимашчук, која работеше како новинар во седиштето на РСЕ/РС во Прага во рамки на новнарската стипендија Вацлав Хавел.
Овој потег беше оценет како значаен чекор од страна на Лукашенко, кој се обидува да ги поправи врските со Западот кои беа прекинати поради бруталната безбедносна репресија врз демонстрантите по спорните претседателски избори во 2020 година.
Односите со Западот дополнително се заладија со целосната инвазија на Русија во Украина во февруари 2022 година. Лукашенко, кој во голема мера се потпира на Русија за економска и воена поддршка, се обиде да ја држи инвазијата на Русија на растојание, иако дозволи руските војници да бидат лекувани во белоруските болници, меѓу другото.
Свјатлана Циханоускаја, која многу западни земји ја признаваат за законски лидер на Белорусија, му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и му ја припиша заслугата за обезбедување на ослободувањето на затворениците.
Таа, исто така, истакна дека мажите и жените биле ослободени и депортирани од земјата. И го истакна случајот на Микалај Статкевич, поранешен претседателски кандидат кој е затворен повеќе од една деценија. Статкевич беше меѓу ослободените, но одби да ја напушти земјата. Неговото место на живеење беше нејасно.
„Она што се случи вчера не беше вистинска слобода. Тоа беше присилна депортација“, изјави Циханоускаја на прес-конференција во Вилнус на 12 септември.
„Секој што е ослободен има право да избере: Или да остане или да замине. И вчера разговарав за ова со нашите американски партнери и ние инсистираме на тоа“, рече Циханоускаја.
„Ослободувањата мора да значат и крај на репресиите. Сите политички затвореници мора да бидат ослободени“, додаде таа.
„Многумина од нас остануваат политички затвореници затоа што не можеме да се вратиме во Белорусија, не можеме да се вратиме кај нашите семејства. Уверен сум дека ќе се соединиме со нашите семејства, но ќе останеме политички затвореници до крајот на нашите животи,“ рече пред колегите новинари поранешен уредник на весник Александар Манцевич.
Неколку од затворениците заплакаа на прес-конференцијата додека хор ја пееше белоруска химна. Други ги опишаа бруталните услови што ги издржаа; трети беа пркосни, велејќи дека Белорусите треба да сторат повеќе за да им се спротивстават на безбедносните сили и на владата на Лукашенко.
„Нема зборови да се опише што се случува таму“, изјави за новинарите еден поранешен затвореник, Хенаџ Фјадинич.
Микалај Џиадок, поранешен блогер и самопрогласен анархист кој беше затворен во ноември 2020 година, казнената колонија каде помина пет години ја опиша како затвор од среден век.
„Се будев многу пати среде ноќ, слушајќи возрасни мажи како буквално завиваат. Во текот на овие години во затвор, се уверив дека луѓето се доведени до лудило, мачени на други начини. Луѓето едноставно се уништуваат“, објасни тој.
Ослободувањето беше второ за три месеци во кое беа вклучени истакнати Белоруси кои беа затворени од владата на Лукашенко. Во јуни, сопругот на Циханускаја, Сјархеј, беше ослободен.