Ненси Пелоси истакнувајќи го долгогодишното пријателство меѓу двете држави му честиташе на Киријакос Мицотакис и за економскиот успех на неговата земја.
„Честитам и за економскиот успех на Грција. Работејќи заедно, нашите две земји можат да промовираат просперитет на глобално ниво, безбедност и стабилност. Тоа пријателство меѓу нашите две држави е старо. Од почетокот на нашата република, која беше инспирирана од демократијата на Грција“.
Грчкиот премиер Мицотакис се согласи со ваквата оценка на Пелоси, додавајќи дека посебно го цени тоа што односите меѓу Грција и САД „добија двопартиска поддршка во Конгресот“.
„И ова е нешто што нè прави особено среќни. И во време на големи турбуленции во нашиот дел од светот секогаш може да сметате на Грција како кредибилен и сигурен партнер. Ние сме навистина две стари републики“.
Грчкиот премиер претходно во Белата куќа беше примен од американскиот претседател Доналд Трамп во момент кога почна да зголемуваат тензиите и можноста од отворен конфликт меѓу САД и Иран во Ирак.
Мицотакис имаше предавање и во Атлантскиот совет каде што ја нагласи улогата на НАТО.
„Алијансата продолжува да биде темел на трансатлантскиот однос и тоа нема да се промени, без оглед на фактот дека Европа, веројатно ќе се обиде да ги зајакне сопствените одбранбени способности. Така, јас отсекогаш сум бил голем поддржувач на НАТО и мислам дека Алијансата денес е исто толку значајна како и досега“.
Деновиве пак, односите меѓу Грција и Турција, двете членки на НАТО, повторно се најдоа на проба по потпишувањето на спорниот поморски и воен договор меѓу Анкара и либијската меѓународно призната влада за разграничување на Средоземното море.
Турција и Либија немаат меѓусебна граница па овој потег освен Грција го критикуваа и Кипар и Египет.