Две ривалски групи се собираат на одалеченост од само 100 метри во поранешната кралска престолнина Цетиње за обредно чествување на Божиќ.
Едната група е на Српската православна црква, главното верско тело во Црна Гора, додека другата ја следи помалата Црногорска православна црква, која сè уште не е меѓународно призната.
Контроверзниот закон за верска слобода, усвоен од парламентот кон крајот на декември, додаде масло на огнот во повеќедецениските тензии меѓу ривалските свештенства.
Но, законот се осврнува и врз чувствителното прашање на националниот идентитет на Црна Гора и нејзината врска со Србија, со која беше врзана скоро 90 години како дел од поранешна Југославија.
Новиот закон бара верските заедници да докажат дека имаат сопственост на имот од пред 1918 година - кога Црна Гора стана дел од Југославија – ако сакаат да го задржат.
Српската православна црква ја обвинува државата дека на ваков начин се обидува да присвои стотина цркви и манастири.
Од донесувањето на законот, илјадници луѓе учествуваа на вечерни протестни маршеви во црногорските градови, повикувајќи на укинување на законот.
Архиепископот на Црногорската православна црква Михајло пак, оцени дека „по 50 години Црна Гора доби закон за верска слобода, во согласност со најстрогите европски стандарди“.
Иван Ивановиќ, од Српската православна црква вели:
„Наместо да дочекаме Божиќ како што се дочекува кај нас православните, во своите домови, ние бевме принудени на улиците да се бориме за зачувување на нашите свети места“.
Жељко Дапчевиќ, од Црногорската православна црква пак вели дека треба да се направат напори за решавање на проблемот:
„Сите сме различни. Некој се чувствува просрпски, некој се чувствува црногорски, но мислам дека не треба да има таква поделба. Затоа што ако се работеше според божествените закони и правда, тогаш српските и црногорските верски достоинственици требаше да се помират, да стават крај на сето ова“.
Со него се согласува Никола Радуновиќ, црногорски пејач кој не припаѓа на ниту една од црквите:
„Се надевам дека има доволно нормални и непримитивни луѓе кои ќе ги решаваат работите на нормален начин, дека ќе разговараат едни со други, без оружје, без да повикуваат на воени походи“.
Некои аналитичари оценуваат дека црковниот проблем е еден вид војна меѓу црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ - кој ја доведе Црна Гора до независност од Србија во 2006 година - и просрпската опозиција, која сè уште чувствува приврзаност кон Белград.
Критичарите го обвинуваат Белград дека ја користи Црквата за да задржи влијание во внатрешните работи на Црна Гора.
Околу третина од населението на Црна Гора од 620,000 се идентификува како Срби.