Протест пред руската амбасада во Подгорица
Десетици украински граѓани кои живеат во Црна Гора денеска протестираа пред руската амбасада во Подгорица поради рускиот напад врз нивната земја.
Тие носеа украински и црногорски знамиња, како и транспаренти со натпис „Украинците ќе се спротивстават“, извикувајќи „Стоп за руската агресија“ и „Путин, марш од Украина“.
Руски проектили, воздушни напади и загриженост во Киев
Руски проектили погодија повеќе цели низ Украина. Москва тврди дека стрелале врз воени објекти, но очевидци тврдат дека се погодени и цивилни. Има и жртви. Во Киев пак владее загриженост од натамошните чекори на Русија и можна масовна инвазија врз Украина.
Уапсена активистка за човекови права во Москва, која повика на протест против војната во Украина
Познатата активистка за човекови права Марина Литвинович денеска била уапсена, кратко време откако јавно ги повика Русите на протест во нивните градови против руската инвазија врз Украина.
Таа на Телеграм напиша дека е приведена додека излегувала од својот стан во Москва.
УНХЦР - Цивилите во Украина мора да бидат заштитени
Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (ОН) Филипо Гранди во денешно соопштение изјави дека најдлабоко се загрижени од ситуацијата и воената акција во Украина што, како што наведува, брзо се влошува.
Тој вели дека животите на цивилите и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени и почитувани во секој момент во склад со меѓународното хуманитарно право.