Достапни линкови

Вести

МВР: Во Скопје за 12 часа речиси три илјади возачи поминале на црвено

Илустрација, скопски сообраќен хаос
Илустрација, скопски сообраќен хаос

Вкупно 65 илјади возачи направиле сообраќаен прекршок во привите 12 часа откако е ставен во функција долгонајавуваниот „Безбеден град“ (Сејф Сити).

Според податоците кои ги сподели Министерството за внатрешни работи (МВР) во пробниот период од пуштањето во употреба на овој систем се регистрирани 2800 возачи кои со своите автомобили поминале на црвено на семафор. Дополнително биле евидентирани околу илјада нерегистрани автомобили.

Министерот Панче Тошковски изјави дека повеќе нема да има толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат.

„Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот“, истакна министерот Тошковски при посетата на објектот, каде што е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City).

Во соопштението од МВР е наведено дека првиот месец ќе биде пробен, односно ќе служи за предупредување на граѓаните за прекршоците кои што ги прават во сообраќајот. Системот со помош на камери, сензори и уреди за снимање ќе регистрираат : брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање.

„Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци“, велат од МВР без да откријат повеќе детали.

Според последните податоци од август кои ги доби РСЕ од СВР Скопје, со физичката полициска контрола на сообраќајниците полицијата успевала да евидентира по околу 500 казни на ден.

Според најавите на МВР, прекршителите ќе бидат казнувани од 1 јануари 2026 година.

Системот за почеток ќе се имплементира во Скопје, Тетово и Куманово, а планирано е да опфати и делници од Коридор 8 и Коридор 10. До средината на 2026 година целата држава ќе биде покриена со камерите, изјави неодамна министерот Тошковски.

Во просек годишно во земјава гинат по повеќе од 120 луѓе, или 65 загинати на еден милион жители, покажува статистиката на МВР. Најмалку загинати во сообраќајни несреќи, 22 на еден милион жители годишно, има Шведска, околу 30 имаат другите балтички земји и Швајцарија, во Централна Европа просекот е околу 45, а просекот во Западен Балкан е околу 70, додека во Северна Македонија е 65, но најмногу има Романија со 86.

Северна Македонија има и свои домашни, но и меѓународни цели што треба да ги исполни за да ја намали смртноста на патиштата. Во Националната стратегија за транспорт целта е до 2030 година бројот на жртви на патиштата да се намали за 50 отсто и а да нема ниту едно дете кое ќе загине во сообраќајка.

Системот „Безбеден град“ прв пат како идеја беше промовиран во 2012 година, од тогашната влада предводена од премиерот Никола Груевски. Тогаш Министерството за внатрешни работи (МВР) постави околу 600 камери на системот „Сејф сити“ (Safe city) низ Скопје и во неколку други градови. Првично во јавноста беше соопштено дека тие треба да служат за регистрирање на сообраќајни прекршоци, но, никогаш не беше набавен софтвер за оваа намена па снимките од нив останаа да служат на тајните служби и во разрешување на кривични дела. Меѓудругото една од пречките за некористење на системот беа и законските измени кои минатата година беа донесени.

Зеленски во Париз, Виткоф во Москва, во „клучната недела“ за разговорите за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володомир Зеленски на состанок во Елисејската палата, Париз, 1 декември 2025 година
Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володомир Зеленски на состанок во Елисејската палата, Париз, 1 декември 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Елисејската палата во Париз на 1 декември на разговори со неговиот француски колега, Емануел Макрон, со што започна уште една недела интензивна дипломатија насочена кон ставање крај на речиси четиригодишните борби во Украина по целосната инвазија на Русија.

Посетата, чија цел e да се најдат „услови за праведен и траен мир“, доаѓа еден ден по разговорите во Флорида меѓу американските и украинските делегации кои двете страни ги пофалија како продуктивни, без да дадат дополнителни детали.

„Идејата за завршување на војната со правење некои отстапки кон Русија нема да функционира. Напротив, тоа само би ја охрабрило Русија да продолжи со својата експанзија во различни насоки“, изјави Михајло Подољак, советник во кабинетот на украинскиот претседател, за „Курент тајм“ на 1 декември.

„Мислам дека некоја повеќе или помалку јасна компромисна верзија на мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде на маса“, додаде тој, осврнувајќи се на планот предложен од Белата куќа кон средината на ноември, што доведе до сегашниот бран на дипломатија.

Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 1 декември изјави дека „ова може да биде клучна недела“ за мировните напори.

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, член на американскиот тим во Флорида, ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин на 2 декември, според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тоа ќе биде шестата средба на Виткоф со Путин од јануари.

Првичниот американски предлог од 28 точки ги вознемири украинските претставници - и наводно го налути Зеленски - кој потоа одржа свои разговори со Рубио и други американски претставници во Женева на 23 ноември.

Овие разговори резултираа со план од 19 точки што остава неколку големи прашања на маса, вклучувајќи ја судбината на дел од украинскиот регион Донбас, аспирациите на Украина за членство во НАТО и потенцијалното ограничување на големината на вооружените сили на Киев. По нив следеа разговорите во Флорида една недела подоцна.

За Украина, дополнителна компликација беше контроверзноста околу шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој беше клучна фигура во разговорите.

Јермак - кој не е обвинет од истражителите и изјави дека не сторил ништо лошо - поднесе оставка на 28 ноември поради тековната истрага за корупција. Тој ја предводеше украинската делегација во Женева, но повеќе не беше дел од тимот во Флорида.

Подољак, кој беше советник на Јермак, за „Куртен тајм“ изјави дека Русија има корист од скандалот со корупција.

„Тие секогаш инвестираат во провоцирање на внатрешен конфликт во Украина, надувувајќи го колку што е можно повеќе. Тие разбираат како да го направат ова, имаат многу информативни платформи, социјални мрежи што ги користат за ова. И, се разбира, сега го следат овој внатрешен конфликт со задоволство“, рече тој.

Трамп на 30 ноември предупреди дека скандалот не е од помош за мировниот процес, додавајќи дека „Украина има некои тешки мали проблеми“.

Дури и додека дипломатијата се засилува, убиствата продолжуваат.

Украинските власти на 1 декември објавија дека три лица се убиени, а осум се повредени во рускиот ракетен напад врз Днепар.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Песков, се пожали на украинските напади со беспилотни летала врз руската нафтена инфраструктура.

Тој рече дека нападот за време на викендот врз инфраструктурата на Конзорциумот за касписки цевководи (CPC) бил „скандалозен со оглед на неговото меѓународно значење и вклученоста на меѓународните партнери“, вклучувајќи го и американскиот нафтен гигант „Шеврон“.

Казахстан, партнер во проектот, поднесе официјален протест до украинската влада поради нападот, за кој рече дека е „третиот чин на агресија против исклучиво цивилен објект“.

Во минатото, Киев изјави дека ја таргетирал нафтената индустрија за да ги негира приходите што ги финансираат руските воени напори.

Од своја страна, Москва негираше дека гаѓала цивилни цели во Украина, и покрај огромните докази за напади врз училишта, болници, станови и други објекти откако ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Протест на пензионерите: Со процентуално зголемување на пензиите, ќе немаме за леб

Протест на пензионерите пред Уставен суд, Скопје, 1 декември 2025 година
Протест на пензионерите пред Уставен суд, Скопје, 1 декември 2025 година

Пензионери од целата држава кои се за линеарно зголемување на пензиите денеска, 1 декември протестираа пред Уставен Суд во Скопје, со цел како што велат, да продолжи линеарното пресметување на пензиите.

Од пред Уставниот суд, Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор на групата пензионери кои се залагаат за линеарно покачување на пензиите, им порача да се запрашаат „каде е грижата за пензионерите со мали пензии".

„Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови. Не го збориме ова против власта. Ова го збориме за Македонија еднаш да биде обединета. Доста е со поделби. Нашиот глас допрва ќе биде чуен“, изјави Трајков.

Трајков најави протест и пред Канцеларијата на Европската Унија на 10 декември.

„За првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600- 700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 према 4, сега е 1 према 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени“, порача Трајков.

Пензионерите кои протестираа пред Уставниот суд порача дека се со минимални пензии зошто се жртви на транзиција, без платени придонеси и борба за опстанок, порачувајќи дека сите треба да се запрашаат зошто некои пензионери на следното покачување да земат 700-800 денари, а други по 3-4000 денари.

Пред два дена во Штип се собраа пензионери од Штип, Свети Николе, Скопје, Куманово, од каде и го најавија и денешниот протест пред Уставниот суд во Скопје. Тие, како што посочија, освен линеарно усогласување на пензиите бараат и К-15, покачување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари, како и воведување на пензионерска картичка.

Протест на пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите, Скопје, 1 декември 2025 година
Протест на пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите, Скопје, 1 декември 2025 година

Пензионерите минатата година и во март годинава имаа линеарно покачување на пензиите од по две илјади и петстотини денари, а годинава во септември на картичка добија уште илјада денари, додека во март следната година треба да има ново линеарно усогласување за илјада денари.

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување, со која пензиите се зголемуваат линеарно.

Измената на Законот за пензиско инвалидско осигурување беше донесена минатата година. На барање на пензионерите се донесе одлука усогласувањето на пензиите процентуално да се замени со линеарно зголемување на пензиите за сите 345.000 пензионери.

Директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов во интервју за Радио Слободна Европа рече дека ова усогласување се прави заради намалување на животните трошоци, односно усогласување на животните трошоци и животниот стандард со покачувањето на ценовните шокови во општеството и заради зголемување на платите во општиот сектор.

Грузиската полиција можеби користела хемиско оружје за да ги задуши протестите, открива Би-Би-Си

илустрација
илустрација

За време на задушувањето на антивладините протести во Тбилиси минатата година, грузиските власти можеби користеле „камит“, хемиско воено средство од Првата светска војна, покажува истрагата на Би-Би-Си објавена на 1 декември.

Би-Би-Си разговараше со експерти за хемиско оружје, извори во специјалните сили на грузиската полиција и лекари, собирајќи докази што укажуваат на употребата на бромобензил цијанид, кој француската војска го нарекувала „камит“.

Франција го користела на Западниот фронт за време на Првата светска војна, но го напуштила во 1930-тите поради загриженост за долгорочните ефекти. Подоцна бил заменет со побезбеден CS гас („солзавец“).

Еден демонстрант ги опишал млазниците со водени топови како „жешки“, сензација што траела дури и по миењето. Други демонстранти кои демонстрирале против суспендирањето на европската интеграција на Грузија до 2028 година, исто така, пријавиле продолжено отежнато дишење, кашлање и повраќање.

Грузиските власти ги нарекоа наодите од истрагата „апсурдни“ и тврдат дека полицијата дејствувала законски како одговор на „нелегални акти на беснеење криминалци“.

Радио Слободна Европа не можеше да ги потврди наводите од истрагата на Би-Би-Си, но грузиската служба на РСЕ претходно објави дека грузиската полиција можеби користела повеќе од само солзавец.

Кон средината на декември минатата година, РСЕ разговараше со Руси кои учествуваа во протестите. Новинарката Валерија Фајзулина во тоа време изјави дека грузиските безбедносни сили „решиле да ги претворат водните топови во полноправно хемиско оружје“, чиј рафал, кога се испукува во кожата, создава „чувство како да сте изгорени живи“.

„Моите колеги и јас решивме да додадеме мешавина од солзавец и спреј со бибер. Во текот на првите неколку дена, таа „вода“ ме удри во главата. И после тоа почнав да се чувствувам како да има граната со солзавец во близина. Ослепев и почнав да се задушувам, и морав да побарам помош од демонстрантите за да ги измијам очите со солен раствор. Сепак, немаше гранати, тие само истурија вода врз мене“, рече тогаш новинарот Фјодор Кудокормов.

„Употребата на хемиско оружје против демонстрантите мора веднаш да се запре!“ напиша алергологот и имунологот Гиорги Камкамиѕе на социјалните мрежи во декември 2024 година.

Партиски препукувања за тендери од близу девет милиони евра

Пари, илустрација/Фотоархива
Пари, илустрација/Фотоархива

Тендери вредни речиси девет милиони евра се најдоа во фокусот на денешните препукувања меѓу власта и опозицијата.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ на прес конференција денеска (30 ноември) обвини дека фирмата „Дигитал оне“, формирана лани на крајот на август, со само двајца работници за една година има добиено тенеди од речиси девет милиони евра.

Според него, тие се со владини и државни институции, а се однесуваат на периодот од мај до ноември годинава.

Димитријевиќ посочи дека од шест државни тендери, четири се со Генералниот секретаријат на Владата. Последниот од нив, претставува рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа во вредност од осум милиони евра.

„Основана е од извесен Кристијан Арсовски и има само двајца вработени. И секако, едно од прашањата е дали Кристијан е во роднински врски со поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димса Арсовски“, рече Димитријевиќ.

Тој ги повика Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК веднаш да регираат, односно како што рече, да отворат истрага.

По неговата прес конференција, поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски се огласи преку социјалните мрежи наведувајќи дека СДСМ „измислува непостоечки случаи и интриги“.

„За да биде детално јасно, ниту го познавам човекот кој е сопственик на фирмата, ниту сум го сретнал, ниту знам како изгледа, ниту ми е роднина по било која основа. Единствено што е исто е презимето. Немам никаква врска со никаков тендер, ниту пак сум имал било каква врска со државни тендери“, пишува Аровски во објавата преку која побара и извинување.

Но, по неговата објава, СДСМ лиферуваше соопштение во кое наведе дека нема да се извини.

-Не баравме ниту роднинско стебло ниту извод од Димса Арсовски туку да одговори на прашање дали е роднински поврзан. И нема за што да му се извинуваме, велат меѓу другото, од СДСМ.

Владеачката партија пак, во соопштение поврзано со ваквиот случај, попладнево истакнува дека се работи за редовна јавна набавка.

„Да им објасниме дека за договорите за набавка на сервери, наместо да се плаќа хост на приватни правни лица, сега за првпат поседува сервери на кои самостојно се хостираат владините апликации. Третиот споменат договор исто така е склучен во транспарентен процес и набавени се компјутери по најниска понудена цена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јаневска: Проблемот со „петките“ кај учениците го лоцираме кај родителите

Ученици во Скопје/Фотоархива
Ученици во Скопје/Фотоархива

Проблемот со „петките“ во земјата е навистина сериозен и од моето долгогодишно, веќе пет-шест години со контактите со наставниците, тој генерално се лоцира кај родителите – изјави денеска (30 ноември), министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање за надминување на проблемот со влијанието на родителите во оценувањето на децата, таа рече дека оние кои инсистираат на добивање високи оценки без соодветно знаење „им прават голема штета прво на своите деца, а потоа и на целото општество“.

Според министерката, послабата оценка не е казна, туку треба да биде мотив за постигнување на одредени компетенции, вештини и квантум на знаење кој ќе му помогнат во животот на детето.

„Ако тоа е задоволно од својот труд, од своите постигнувања ќе биде задоволно и целото општество, иако тоа е масовна појава. Има неколку мерки кои досега сме ги презеле-на пример со Е-дневникот, со разни програми со кои се обидуваме да влијаеме на разни стереотипи и предрасуди и ќе продолжиме во ист правец“, рече Јаневска.

На уште едно новинарско прашање за потребата од воведување на приемен испит на факултетите, министерката Јаневска рече дека не е забрането да се одржуваат приемни испити на факултетите и тие сами можат да донесат одлука за такви нешто.

„На пример, на Архиотектонскиот факултет се одвива некаква претквалификација, дури и обука за испит. Меѓутоа според ЕУ , а и нашиот систем кој сега ние го направивме, децата имаат матура и неправедно е да имаат две скалила на елиминација во нивното напредување во високото образование“, смета Јаневска.

Додаде дека е направена измена на матурата според барање на учениците и наставниците и е одвоена државната стручна матура од државната матура која фактички е гимназиска.

Јаневска појасни дека тоа е така бидејќи децата во стручните школи имаат помал обем на општо образовни предмети, а оние што се во гимназија имаат повеќе.

„Тие ќе бидат на исто ниво, двете ќе бидат државни матури и ќе имаат проодност кон високото образование, па и она што јас не сакам да го кажам, но има и такви случаи и за образование во странство. Но, материјалот од општо образовните предмети ги полагаат децата од стручното ќе биде прилагоден на нивните наставни планови и програми“, посочи Јаневска која денеска во Струмица се обрати на петтиот панел од националната кампања „Магијата е знаењето“ на Министерството за образование и наука.

Водечкиот опозиционер во Азербејџан исчезна по претресите на безбедносните служби

Лидерот на азербејџанската опозиција Али Каримли и други опозиционери исчезнаа по претресите на нивните домови од страна на полицијата.
Лидерот на азербејџанската опозиција Али Каримли и други опозиционери исчезнаа по претресите на нивните домови од страна на полицијата.

Азербејџанските власти го уапсија лидерот на главната опозициска партија на земјата по претрес во неговиот стан, изјавија партиски функционери.

На 30 ноември, еден ден по претресот на неговиот дом во Баку, не беше јасно каде се наоѓа Али Каримли, според Партијата на народниот фронт на Азербејџан.

Други партиски функционери од партијата, позната како AXCP, исто така пријавија дека нивните домови биле претресувани и исто така исчезнале.

Туран Ибрахим, чиј татко Мамад е член на претседателството на партијата, објави на Фејсбук дека повеќе од десетина безбедносни агенти го претресле домот на неговиот татко, му го одзеле телефонот и компјутерот и го однеле на неоткриени локации.

„Неколку други членови на партијата објавија на социјалните мрежи тврдења за вознемирување и следење.

Во меѓувреме, во Турција, безбедносните сили ја уапсија Гултекин Хаџибејли, друга азербејџанска активистка за демократија, која е членка на Координирачкиот центар на Националниот совет на демократските сили.

Хаџибејли изјави за Радио Слободна Европа доцна на 28 ноември дека била однесена во центар за притвор во Истанбул. Нејзините колеги подоцна рекоа дека не можат да ја лоцираат или да добијат повеќе информации за нејзината локација.

Други медиуми известија дека се очекува да биде депортирана во Азербејџан.

„Државната безбедносна служба и Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Апсењето на Каримли и претресот на неговиот стан беа поврзани со неименувано кривично дело“, известија провладините медиуми во Баку.

Ројтерс, повикувајќи се на ненаведен азербејџански владин службеник, соопшти дека притворот на Каримли е поврзан со тековна кривична постапка против Рамиз Мехдиев, долгогодишен сојузник на починатиот претседател Хејдар Алиев, кој ја водеше Азербејџан до кратко пред неговата смрт во 2003 година.

Синот на Хејдар, Илхам, ја презеде претседателската функција кратко пред смртта на својот татко. Оттогаш, тој систематски ги потиснува несогласувањата преку апсење независни новинари, опозициски фигури и активисти на граѓанското општество.

Властите во земјата инсистираат дека основните слободи се заштитени и дека луѓето не се прогонуваат поради критички ставови и политички активности.

AXCP објави соопштение во кое тврди дека интервјуата на Каримли со странските медиуми „го вознемириле режимот на Илхам Алиев“.

„Во ситуација каде политичката активност е речиси целосно забранета во земјата, а граѓанските слободи се сериозно ограничени, оваа операција е следниот чекор кон понатамошно интензивирање на политичкиот прогон“, се наведува во соопштението.

„Целта на поврзувањето на овие апсења со Рамиз Мехдиев е да се оштети угледот на Али Каримли. Тие самите соработуваа со Мехдиев речиси 30 години. Овие обвиненија не ни прилегаат“, рече Сејмур Хази, заменик-претседател на партијата, за Радио Слободна Европа.


Ројтерс

Алармантно загадување во Техеран додека Иран е погоден од еколошка криза

Жени носат маски за да се заштитат од загадувањето на воздухот во Техеран на 29 ноември
Жени носат маски за да се заштитат од загадувањето на воздухот во Техеран на 29 ноември

Загадувањето на воздухот достигна алармантни нивоа во иранската престолнина Техеран, што ги натера властите да затворат училишта и универзитети и да забранат патување со камиони во регионот, во најновата еколошка криза што ја погоди оваа блискоисточна земја.

Индексот на квалитет на воздухот во Техеран и околните градови на 29 ноември се искачи помеѓу 170 и 200 — што се смета за „нездраво“ за сите возрасни групи, известуваат иранските медиуми.

Според експертите, нивоата на квалитет на воздухот од 0-50 се сметаат за добри, додека оние од 151-200 се оценуваат како „нездрави“. Над 200 се смета за „многу нездраво“.

Мохамед Џафар Гајемпана, заменик на претседателот Масуд Пезешкијан изјави дека „загадувањето на воздухот ќе убива ако стане поголемо од ова“.

Техеранската управа за контрола на квалитетот на воздухот им советува на жителите да „избегнуваат непотребни патувања на отворено“.

„Постарите лица и децата, заедно со пациентите со кардиоваскуларни и респираторни заболувања, треба да останат во своите домови колку што е можно повеќе“, се додава во соопштението.

Воведени се и ограничувања за патување со автомобил, додека владини канцеларии, банки и други претпријатија работат со намален број вработени, а некои вработени добија наредба да работат од дома.

Оваа вонредна состојба е најновата еколошка криза што ја погоди Иран, кој исто така страда од сериозни економски проблеми поради финансиските санкции воведени поради неговата нуклеарна програма за која Западот тврди дека е наменета за изградба на бомба, додека Техеран инсистира дека е за цивилни цели.

Децениското лошо управување, влошено од продолжената суша, го доведоа Иран до работ на тоа што експертите го нарекуваат воден банкрот. Со празни резервоари и рекордно ниски врнежи, властите почнаа да рационализираат залихи на вода во Техеран, град со околу 10 милиони жители.

Пезешкијан предупреди дека водната криза може да доведе до евакуација на делови од Техеран и предложи можност главниот град да се пресели во друг град.

Неодамнешните предупредувања од властите не беа доволни, изјави Кавех Мадани, директор на Институтот за вода, животна средина и здравје при Универзитетот на ОН со седиште во Канада, за програмата Радио Фарда на Радио Слободна Европа.

„Нивото на нивните предупредувања е премалку во споредба со реалноста на теренот“, рече Мадани, кој претходно беше заменик-шеф на иранското Министерство за животна средина.

ДПА и Ројтерс

Поплави, излевања на реки и одрони во источниот регион

Поплави (фотоархива).
Поплави (фотоархива).

Обилните врнежи што изминатите денови го зафатија источниот регион на Северна Македонија предизвикаа поплави, излевање на реки и одрони на патишта, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите од ЦУК, утрото на 29 ноември биле поплавени простории и дворови на различни локации во Општината Чешиново-Облешево, како што се селата Чешиново, Облешево и Чифлик.

Во интервенциите за справување со последиците, на општинската служба и помагаат пожарникари од Кочани, од водостопанство „Брегалница“, како и од кочанскиот Регионален центар за управување со кризи (РЦУК).

„Побарана е и дополнителна материјално-техничка поддршка, особено за испумпување вода од поплавените објекти“, велат од ЦУК.

На територијата на Чешиново-Облешево, но и на локации во Општина Штип поради зголемен водостој на реките Брегалница и Кочанска забележано е и излевање од коритото

Одрони на патиштата, пак, настанале на регионалниот пат Радовиш-Штип и на патниот правец од Злетово кон браната Кнежево, а екипи од јавното претпријатие „Македонија пат“ се на терен.

Покрај во источниот регион, лизгање на земјиште денеска има и во кумановско, поточно во селото Липково каде поради ограничените ресурси на Општина Липково и ризикот од влошување на ситуацијата, побарана е помош и од државните институции.

Ден претходно, ЦУК информираше дека обилните дожнови предизвикале свлечиште во тетовско Шипковица при што загрозени биле четири куќи, а на населението му беа дадени насоки да ги напушти живеалиштата поради можни нови одрнони.

Проблеми со свлечишта деновиве имаат и дел од жителите на скопски Центар. На 27 ноември, по иницијатива на Општината, во ЦУК беше одржан итен координативен состанок поради појавено обрушување на земјиштето на Водно. Како што соопштија надлежните, било договорено да се направи итен план за стабилизирање на критичната состојба.

Обилните дождови минатиот викенд предизвикаа излевање и на реките Болнска и Источка при што беа поплавени 50-тина куќи на територијата на Општина Ресен, во југозападниот ден на Северна Македонија.

Поради поплавувањата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) претходно во текот на неделата издаде препораки за безбедност на храната, водата за пиење и заштита на животните.

„Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна“, препорача АХВ.

Од Агенцијата апелираа и редовно одржување на хигиената на рацете, готвената храна да не дојде во контакт со водата од поплавата, храната да се подготвува со безбедна вода и истата да се обработи термички (на температура повисока од 70 Целзиусови степени).

За поплавените домаќинства се препорача доколку има деца, да се хранат со индустриски обработена храна.

Во однос на заштитата на животните, АХВ потенцираше дека сопствениците имаат обврска да им обезбедат соодветна храна, вода и засолниште на безбедна локација.

ИЈЗ: Нема тешки метали во водата од училиштето „Димо Хаџи Димов“

Илустрација.
Илустрација.

Во мострите од водата од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, Општина Карпош, не се пронајдени тешки метали, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на 29 ноември.

Оваа здравствена институција соопшти и дека се завршени физичко-хемиската и микробиолошката анализа на водата и оти резултатите се во рамки на референтните вредности.

Голем број ученици во ова основно училиште во Карпош, на 26 ноември се пожалија на стомачни тегоби, а заклучно со вчерашниот ден седум беа задржани на болничко лекување. Сите, како што беше соопштено, имале исти симптоми – стомачни болки, повраќање, дијареја и зголемена телесна температура. Меѓу децата со симптоми, беше и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

Денешното соопштение за водата, следува откако ден претходно од ИЈЗ информираа дека во мостри од од три чешми, од мусаката што била давана на децата и од неколку работни површини во училиштето и кујната биле пронајдени фекални бактерии - Enterobacteriaceа.

Од седум примероци со биолошки материјали од деца, шест биле позитивни на норовирусот – вирус кој е проследен со повраќање и дијареја. Тој најчесто се пренесува преку вода или храна заразена со фекалии.

Од ИЈЗ велат дека во текот на викендот дежурни екипи сè уште анализираат други земени мостри и биолошки материјали добиени претходните денови и од други училишта, а дополнителни информации ќе објават в понеделник, 1 декември.

Ова не е првпат да има проблеми со храната во училишта во скопската општина Карпош. Во 2023 година, десетина деца беа заразени со салмонела во три основи училишта. Во 2024, пак, околу 140 ученици во училиште во Аеродром, исто така имаа симптоми со труење, по што кујната беше затворена.

Во Северна Македонија, дел од училиштата обезбедуваат само ужинка, други само топол оброк, а некои и двете. Не сите училишта во земјава имаат кујна каде може да се подготвува храната.

Според праксата што ја посочуваат и од училиштата и родителите, најчесто во оние школи каде не се готви, фирмата што ја доставува храната претходно ја подготвува во кујна во друго училиште каде истата го има добиено тендерот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG