Вести
Поплави, излевања на реки и одрони во источниот регион
Обилните врнежи што изминатите денови го зафатија источниот регион на Северна Македонија предизвикаа поплави, излевање на реки и одрони на патишта, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите од ЦУК, утрото на 29 ноември биле поплавени простории и дворови на различни локации во Општината Чешиново-Облешево, како што се селата Чешиново, Облешево и Чифлик.
Во интервенциите за справување со последиците, на општинската служба и помагаат пожарникари од Кочани, од водостопанство „Брегалница“, како и од кочанскиот Регионален центар за управување со кризи (РЦУК).
„Побарана е и дополнителна материјално-техничка поддршка, особено за испумпување вода од поплавените објекти“, велат од ЦУК.
На територијата на Чешиново-Облешево, но и на локации во Општина Штип поради зголемен водостој на реките Брегалница и Кочанска забележано е и излевање од коритото
Одрони на патиштата, пак, настанале на регионалниот пат Радовиш-Штип и на патниот правец од Злетово кон браната Кнежево, а екипи од јавното претпријатие „Македонија пат“ се на терен.
Покрај во источниот регион, лизгање на земјиште денеска има и во кумановско, поточно во селото Липково каде поради ограничените ресурси на Општина Липково и ризикот од влошување на ситуацијата, побарана е помош и од државните институции.
Ден претходно, ЦУК информираше дека обилните дожнови предизвикале свлечиште во тетовско Шипковица при што загрозени биле четири куќи, а на населението му беа дадени насоки да ги напушти живеалиштата поради можни нови одрнони.
Проблеми со свлечишта деновиве имаат и дел од жителите на скопски Центар. На 27 ноември, по иницијатива на Општината, во ЦУК беше одржан итен координативен состанок поради појавено обрушување на земјиштето на Водно. Како што соопштија надлежните, било договорено да се направи итен план за стабилизирање на критичната состојба.
Обилните дождови минатиот викенд предизвикаа излевање и на реките Болнска и Источка при што беа поплавени 50-тина куќи на територијата на Општина Ресен, во југозападниот ден на Северна Македонија.
Поради поплавувањата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) претходно во текот на неделата издаде препораки за безбедност на храната, водата за пиење и заштита на животните.
„Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна“, препорача АХВ.
Од Агенцијата апелираа и редовно одржување на хигиената на рацете, готвената храна да не дојде во контакт со водата од поплавата, храната да се подготвува со безбедна вода и истата да се обработи термички (на температура повисока од 70 Целзиусови степени).
За поплавените домаќинства се препорача доколку има деца, да се хранат со индустриски обработена храна.
Во однос на заштитата на животните, АХВ потенцираше дека сопствениците имаат обврска да им обезбедат соодветна храна, вода и засолниште на безбедна локација.
ИЈЗ: Нема тешки метали во водата од училиштето „Димо Хаџи Димов“
Во мострите од водата од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, Општина Карпош, не се пронајдени тешки метали, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на 29 ноември.
Оваа здравствена институција соопшти и дека се завршени физичко-хемиската и микробиолошката анализа на водата и оти резултатите се во рамки на референтните вредности.
Голем број ученици во ова основно училиште во Карпош, на 26 ноември се пожалија на стомачни тегоби, а заклучно со вчерашниот ден седум беа задржани на болничко лекување. Сите, како што беше соопштено, имале исти симптоми – стомачни болки, повраќање, дијареја и зголемена телесна температура. Меѓу децата со симптоми, беше и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски.
Денешното соопштение за водата, следува откако ден претходно од ИЈЗ информираа дека во мостри од од три чешми, од мусаката што била давана на децата и од неколку работни површини во училиштето и кујната биле пронајдени фекални бактерии - Enterobacteriaceа.
Од седум примероци со биолошки материјали од деца, шест биле позитивни на норовирусот – вирус кој е проследен со повраќање и дијареја. Тој најчесто се пренесува преку вода или храна заразена со фекалии.
Од ИЈЗ велат дека во текот на викендот дежурни екипи сè уште анализираат други земени мостри и биолошки материјали добиени претходните денови и од други училишта, а дополнителни информации ќе објават в понеделник, 1 декември.
Ова не е првпат да има проблеми со храната во училишта во скопската општина Карпош. Во 2023 година, десетина деца беа заразени со салмонела во три основи училишта. Во 2024, пак, околу 140 ученици во училиште во Аеродром, исто така имаа симптоми со труење, по што кујната беше затворена.
Во Северна Македонија, дел од училиштата обезбедуваат само ужинка, други само топол оброк, а некои и двете. Не сите училишта во земјава имаат кујна каде може да се подготвува храната.
Според праксата што ја посочуваат и од училиштата и родителите, најчесто во оние школи каде не се готви, фирмата што ја доставува храната претходно ја подготвува во кујна во друго училиште каде истата го има добиено тендерот.
САД ги замрзнаа одлуките за азил по пукањето во Националната гарда
Службата за државјанство и имиграција на САД (USCIS) објави дека ќе ги замрзне сите одлуки за азил, два дена по пукањето во Вашингтон, во кое загина жена припадничка на Националната гарда.
„USCIS ги запре сите одлуки за азил сè додека не осигуриме дека секој странец е проверен и скениран во најголема можна мера“, објави директорот на USCIS, Џозеф Едлоу, на мрежата Икс на 29 ноември.
Еден ден претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави целосна суспензија на приемот во САД за сите лица од „земјите од третиот свет“, без да прецизира кои се тие држави или како ќе се спроведе мерката.
Неговата администрација претходно најави дека ќе ги разгледа зелените карти што биле издадени на сите странци што потекнуваат од „земјите кои предизвикуваат загриженост“.
Оваа мерка ги вклучува Авганистанци, како и луѓе од 18 други земји, меѓу кои и Иран, Либија, Сомалија, Јемен, Куба и Венецуела.
Зелената карта им овозможува на странските државјани трајно да живеат и работат во САД.
На 26 ноември, двајца припадници на Националната гарда беа застрелани на само неколку блока оддалеченост од Белата куќа.
Трамп рече дека жената припадничка на Националната гарда починала од повредите додека другиот војник е сè уште во критична состојба.
Осомничениот напаѓач, Авганистанец кој влегол во САД во 2021 година, е приведен.
Мотивот за нападот е сè уште непознат.
По инцидентот, Трамп ги обвини бегалците за социјалните проблеми во земјата.
Групите за човекови права предупредија дека нападот не треба да се експлоатира за политички цели.
Шефот на кабинет на Зеленски поднесе оставка по претресот во неговата канцеларија
Андриј Јермак, влијателниот шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, поднесе оставка неколку часа откако Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) извршија претрес во неговата канцеларија.
Зеленски ја потврди оставката во своето редовно видео обраќање до украинскиот народ на 28 ноември.
Зеленски рече дека е „благодарен“ на Јермак, кој минатата недела ја предводеше украинската делегација на разговорите со САД во Женева за можно решение на војната во Украина.
„Ставот на Украина во преговорите отсекогаш бил презентиран правилно. Тоа отсекогаш бил патриотски став. Но, сакам да нема гласини и шпекулации“, рече Зеленски.
Тој додаде дека денеска, 29 ноември, ќе одржи консултации со началникот на Генералштабот, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана и други функционери за тоа кој ќе го замени Јермак.
„Сто проценти од нашите сили ќе бидат фокусирани на одбраната на Украина. Сега секој мора да дејствува токму на тој начин, во интерес на нашата држава, и да ја брани нашата држава. Ова е непроменлив принцип. Средбите со американската страна ќе се одржат наскоро“, рече Зеленски.
Јермак се смета за еден од најмоќните функционери во Украина, но неговата позиција стана предмет на многу шпекулации откако корупциски скандал ја потресе земјата последните недели кога беше откриена проневера на средствата наменети за ранливата енергетска инфраструктура.
Во аферата се вмешани неколку влијателни личности поврзани со Зеленски. Откако избувна скандалот, бројни украински пратеници, вклучително и оние од политичката партија „Слуга на народот“ на Зеленски, побараа Јермак да поднесе оставка.
Зборувајќи пред Јермак да поднесе оставка, Володимир Фесенко, раководител на Центарот за политички студии „Пента“ во Киев, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека Зеленски „има тежок избор. Особено затоа што Јермак е и шеф на делегацијата во преговорите со САД за завршување на војната“.
„Според мене, привременото отстранување би била најбалансираната компромисна опција – барем за времетраењето на истрагата“, заклучи Фесенко.
Одговарајќи на прашање од РСЕ, портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, рече дека „секоја истрага покажува дека агенции за борба против корупцијата постојат и дека им е дозволено да работат во Украина“.
„Борбата против корупцијата беше централен елемент на нашиот пакет за проширување, кој го дава нашиот општ став за ова прашање. Дозволете ми да нагласам дека борбата против корупцијата е клучна за пристапувањето на земјата во Европската Унија“, рече Мерсие.
Украина аплицираше за членство во ЕУ кратко време по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и официјално стана кандидат, но сè уште не започнала формални преговори за пристапување.
Во меѓувреме, во неодамнешно интервју за „Атлантик“, Јермак рече дека откажувањето од суверени територии не е опција во мировните преговори на Украина.
Во интервјуто објавено на 27 ноември, тој рече дека сè додека Зеленски е претседател, никој не треба да очекува Украина да се откаже од која било територија.
„Ниту една разумна личност денес не би се согласила со документ што подразбира откажување од територија“, рече Јермак, според „Атлантик“.
Најдени фекални бактерии во мусаката и на три чешми во училиштето „Димо Хаџи Димов“, соопшти ИЈЗ
Во примерок од мусаката која се служела во прва смена во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае се најдени грам негативни бактерии од групата на Enterobacteriaceae, фекални бактерии кои исто така се пронајдени и на три чешми во училиштето, информира Институт за јавно здравје (ИЈЗ).
Како што посочуваат од ИЈЗ, после денешната прес-конференција добиле нов резултат од примерокот од мусака која се служела во прва смена во училиштето и во неа се најдени грам негативни бактерии од групата на Enterobacteriaceae, фекални бактерии кои исто така се пронајдени и на 3 чешми во училиштето.
„Бројот на земени примероци и пристигнати материјали е екстензивен, и материјали за анализа се уште пристигнуваат“, велат од ИЈЗ.
Институтот во текот на денешниот ден одржа прес конференција и информираше за сите досега преземени активности од надлежните институции (Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Центарот за јавно здравје Скопје и детска Клиника) кои се во постојана комуникација и координација, како и за сите резултати од примероците и од доставените материјали за анализа.
Во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Влае на 26 ноември голем број ученици се пожалија на стомачни тегоби.
Заклучно со денеска, седум деца се задржани за болничко лекување, а неколку се пратени на домашно лекување, поради симптоми поврзани со сомнеж за труење со храна. Сите примени во Клиниката имале исти симптоми - стомачни болки, повраќање, дијареа и зголемена телесна темература.
Надлежните институции соопштија дека од кујната на основното училиште се земени мостри од храна, вода, брисеви од површини и вработени.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска во изјава за медиумите попладнево истакна дека сè уште не може целосно да се заклучи од што точно е појавата на стомачни тегоби кај децата од „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош, бидејќи се уште траат испитувањата.
Но досега, како што потенцира, кај носот на една вработена најдена е бактерија е Стафулококус ауреус. Кај едно од децата засега е најден норовирус.
Андоновска информира дека досега имаат 29 пријави и плус една наставничка која се пожалила на стомачни тегоби. Потенцира дека во Детската клиниката биле сместени пет дечиња, а денеска се донесени плус две деца. Информира дека сите деца се во добра здравствена состојба и се стабилни.
Од 1 декември поскапува парното греење, повисоки сметки за околу 130 денари
Од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се зголеми во просек од 5.9 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
За корисниците кои се снабдуваат преку најголемиот систем (ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство) поскапувањето изнесува во просек 5,9%, додека за потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, а за Скопје Север – Енерџи Еко Линк околу 7,7%.
„Просечната сметка ќе биде зголемена за околу 130 денари, од сегашните 2.200 денари на 2.330 денари“, истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна модернизација на топловодната мрежа за да се намалат дефектите, да се подобри квалитетот на снабдување и да се овозможи проширување на мрежата.
Бислимоски вели дека парното греење и понатаму е најекономично решение.
Според него, анализите покажуваат дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, сметките би се намалиле за околу 10 проценти.
Во моментов, околу 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Продолжи судењето за ‘Онкологија 2’ со сведоштва за финансиски неправилности
Со сведочење на раководителка на одделението за финансиско, сметководствено и шалтерско работење на Клиниката за онкологија, денеска во Основниот кривичен суд продолжи судењето за случајот „Онкологија 2” во кој се обвинети поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев и економскиот директор на Клиниката Нехад Нухи за незаконско набавување лекови, прикривање преку фиктивни тендери и присвојување на дел од терапијата.
На прашања на Основното јавно обвинителство кои се однесуваа за финансиското работење на Клиниката за периодот од 2018 до 2022 година, раководителката на одделението наведе дека во овој период извршувала контрола, координација и подготовка на финансиски и статистички извештаи, завршни сметки и редовна комуникација со Фондот за здравство, Министерството за здравство и Државниот завод за статистика.
Прашана дали овие ингеренции ѝ биле одземени, таа одговори „ингиренциите ми беа одземени од крајот на 2019 почетокот на 2020 година“.
Објасни дека по тринеделен ковид-карантин открила дека дел од нејзините обврски ѝ биле пренесени на колешка без писмено решение.
„Кога се вратив видов дека мојата обврска за подготвување на налозите за плаќање спрема набавувачите веќе ја имаше преземено моја колешка и бев комплетно тргната од таа работа. Писмено се обратив, се претставив која сум, меѓутоа тоа не се случи“, рече сведокот.
Раководителката сведочеше и за соработката со обвинетиот Васев, за кој рече дека до пред ковид периодот соработувале доста добро, нагласувајќи дека Клиниката немала никакви долгови дотогаш.
„Соработувавме доста добро, Клиниката тогаш немаше никакви долгови, но пред да се разболам приметив дека Васев имаше поладен однос со мене и не можеше да го издржи таквото пресметување за плаќање спрема добавувачите што беше исправно“, рече сведокот.
Во делот на финансиското работење, таа потврди дека редовно доставувала извештаи до Министерството за здравство и Фондот за здравство.
„Доставував два извештаја, еден за финансиското работење, другиот за тоа колку приход остваруваме и колку пациенти имаме кои не се државјани на Македонија или Македонци кои немаат осигурување“, изјави сведокот.
За долговите на Клиниката посочи дека како раководителка имала обврска да доставува месечни извештаи до Фондот за здравство, за што, му предложила на Васев да се обратат до ФЗОМ писмено за да го зголемат буџетот за Клиниката, бидејќи, како што рече, се зголемувал бројот на пациенти, а Клиниката имала сѐ помалку пари.
Прашана дали Клиниката добила тужби од економски оператори таа одговори „имавме тужби од два економски оператори. Еден од нив поднесе тужба за неплатени фактури за периодот 2021/22 година со голема камата од приближно еден милион евра, по што на крај дојде до блокирање на двете сметки“.
Во текот на расправата, обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, посочи дека дополнително ќе му достави на Судот материјални докази кои сведокот ги доставил денеска, по што адвокатот на Васев, Вељо Кадиев, приговараше дека не постои записник за тоа како се прибавени тие докази.
Судот оцени дека за да може одбраната да поставува вкрстени прашања до сведокот, потребно е претходно да добие примероци од документите. Поради тоа, на Јавното обвинителство му е наложено да обезбеди копии, а вкрстеното испитување на сведокот беше одложено за следното рочиште кое треба да се одржи на 11 декември годинава.
Според обвинението, во периодот 2018–2022 година Васев и Нухи незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека станува збор за политички мотивиран процес.
Покрај „Онкологија 2“, во тек е и процесот „Онкологија 1“ против Васев и уште двајца лекари за несовесно лекување пациенти.
Бројот на жртви во пожарот во Хонг Конг се искачи на 128
Бројот на жртви во најлошиот пожар во Хонг Конг во последните речиси 80 години се искачи на 128, а околу 200 лица се уште се водат како исчезнати откако пожарот што го зафати висококатниот станбен комплекс пред два дена, изјави во петок шефот за безбедност на градот.
Шефот за безбедност на Хонг Конг, Крис Танг, на прес-конференција изјави дека противпожарните аларми во комплексот Ванг Фук Корт, осумкатна зграда во северниот округ Таи По, не работеле.
Спасувачките напори се завршени и најмалку 79 лица, вклучувајќи 12 пожарникари, се повредени, рече тој.
Станбениот блок, во кој живеат повеќе од 4.600 луѓе, бил на бамбусово скеле и завиткан во зелена мрежа за реновирање кога пожарот избувнал и брзо се проширил во среда попладне.
Полицијата соопшти дека уапсила тројца вработени во градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност поради употреба на небезбедни материјали, вклучително и запаливи панели од пена што ги блокирале прозорците.
Додека пожарникарите се бореле со пожарот во петок, семејствата имале мачна задача да ги прегледаат фотографиите од мртвите направени од спасувачите.
До рано утрово во четврток, 279 лица беа воделе како исчезнати, а тој број не е ажуриран повеќе од 24 часа.
„Ќе се обидеме насилно да влеземе во сите единици во седум згради за да се осигураме дека нема други потенцијални жртви“, изјави за новинарите во петокот заменик-шефот на противпожарната служба Дерек Чен.
Тој рече дека 25 повици за помош до противпожарната служба се уште се нерешени, вклучувајќи три во последните неколку часа, на кои ќе им се даде приоритет.
Пожарот што избувна во среда е најсмртоносниот во Хонг Конг од 1948 година, кога 176 лица загинаа во пожар во магацин, а исто така предизвика споредби со пожарот во Гренфел Тауер во Лондон во кој загинаа 72 лица во 2017 година.
За пожарот беа обвинети компаниите што го обложиле надворешниот дел со запалива облога, како и пропустите на владата и градежната индустрија.
Полицијата уапси двајца директори и еден инженерски консултант на „Престиж констракшн“, за која владата соопшти дека извршувала работи за одржување во Ванг Фук Корт повеќе од една година.
„Имаме причина да веруваме дека одговорните страни на компанијата биле крајно небрежни, што довело до оваа несреќа и предизвикало пожарот да се шири неконтролирано, што резултирало со големи жртви“, изјави началникот на полицијата, Ајлин Чунг, во четврток.
Полицијата запленила тендерска документација, списоци на вработени, 14 компјутери и три мобилни телефони при претресот на канцеларијата на компанијата, додаде градската влада.
Бирото за развој на градот размислува за постепено заменување на бамбусовите скелиња со метални скелиња како мерка за безбедност.
Лидерот на Хонг Конг, Џон Ли, изјави дека владата ќе формира фонд од 300 милиони хонгконшки долари (39 милиони долари) за да им помогне на жителите, додека некои од најголемите кинески компании објавија донации.
Втората ноќ по пожарот, десетици евакуирани лица поставија душеци во блискиот трговски центар, а многумина рекоа дека официјалните центри за евакуација треба да бидат резервирани за оние на кои им е најпотребно.
Луѓето - од постари жители до ученици - се завиткаа во јоргани и се собраа во шатори пред „Мекдоналдс“ и продавниците, додека волонтерите делеа грицки и залихи.
Хонг Конг, еден од најгусто населените градови во светот, е преполн со висококатници. Рапидните цени на недвижностите во градот долго време се извор на незадоволство, а аналитичарите велат дека трагедијата би можела да поттикне незадоволство кон властите и покрај напорите за заострување на политичката и националната безбедносна контрола.
Муртезани: Постизборно работиме на враќање на дијалогот и довербата меѓу Скопје и Софија
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека по локалните избори заедно со европските партнери се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија, со цел да се надмине спорот и да се одблокира евроинтегративниот процес на земјава.
Муртезани ова го кажа на денешната прес-конференција во Скопје со министерката за европски прашања на Шведска Јесика Розенкранц, одговарајќи на новинарско прашање дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите, што неодамна како предлог го спомна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како едно од креативните решенија.
„Тоа што се работи константно по локалните избори заедно со нашите европски партнери е воспоставување на дијалогот и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот“, изјави Муртзани.
Во однос на неодамнешнта изјава на американската амбасадорка Анџела Агелер дека е убедена оти се работи на прашањето со уставните измени, Муртезани одговори потврдно велејќи дека тоа е преземена обврска, но додаде дека во моментов не може да се говори за процесот на измени да Уставот, „бидејќи сите наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани“.
„Секако дека на уставните измени мора да се работи. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа како што нагласив во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме задничка европска иднина иднина“, рече министерот за европски прашања.
Mинистерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц pосочи дека добриот дијалог со соседите е добредојден за самиот процес на пристапување.
„Го поддржуваме секој добар дијалог што може да се постигне во овој контекст, а за самиот процес Шведска знае дека кога ќе се усвојат уставните измени, ЕУ и сите земји-членки треба да го почитуваат тој договор и веднаш потоа формално да отпочнат преговорите, рече таа, повторувајќи ја поддршката на Шведска за исполнување на реформите.
Идејата за нов протокол со цел одблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија, која потегна од претседателката Сиљановска Давкова, го нарече креативно решение.
„Има протокол, тоа е записник обичен потпишан од двајца министри. Со записник вие менувате меѓународен Договор или му додавате. Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство, еден збор нема таму за уставни измени. Тогаш нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат во кој ќе кажат дека не може прашањата врзани за историјата, културата и идентитетот да бидат услов“, посочи Сиљановска-Давкова.
Изминаа четири години откако Северна Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со Брисел, но оттогаш не отвори ниту еден кластер од пристапните преговори со ЕУ.
За тоа да се случи, потребно е Северна Македонија да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот. Ова е услов на кој инсистира Бугарија, додека македонската влада бара гаранции дека во иднина нема да има нови условувања од бугарската страна.
Во 2022 беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, да се додаде и бугарската заедница, а од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање. Тогаш беше потпишан и протокол меѓу министрите за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Северна Македонија мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос од Брисел при презентирањето на извештајот за напредокот на државата на 4 ноември.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете