Вести
ДИК: Одзивот до 13 часот е 19, 96 отсто
До 13 часот излезеноста за локалните избори во земјава е 19,96 проценти, а за Скопје 15,28 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на попладневната прес-конференција.
Од скопските општини најголема е излезноста во Карпош-22, 14 процент, по што следуваат Центар 21, 74 отсто, Кисела Вода-19, 57, Аеродром-19, 21 % итн.
„Досега не се пристигнати пријави за какви било неправилности и нерегуларности, а за претставки за нарушување на изборниот молк има само информации по кои постапуваат надлежните институции“, истакна Радица Тодоровска - Алексовска, портпарол на ДИК.
Во првиот круг од локалните избори за градоначалници до 13 часот излезноста била 20,12 отсто, а за Скопје 20,07 проценти.
МВР: Гласањето се одвива во мирна и демократска атмосфера
Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територија на целата држава, информираат од МВР.
Oттаму додаваат дека МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на целиот изборниот процес.
„До сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите“, изјави портпаролот на МВР Гоце Андреевски.
МВР, како што истакна, апелира до сите граѓани и до политичките партии да придонесат за мирна, фер и демократска атмосфера и доколку има било какво нарушување на изборниот процес, граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112.
Блокада во Белград, молк за жртвите и поддршка за мајката на еден од загинатите
Во центарот на Белград, група граѓани ја блокираа улицата „Кнез Милош“ на 2 ноември, со цел да оддадат почит со 16 минутен молк за 16-те жртви од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пред една година.
Тие се собраа и во поддршка на Дијана Хрка, мајка на една од жртвите од падот на настрешницата, која за време на протестот ден претходно, на 1 ноември, објави дека денеска (2 ноември) ќе штрајкува со глад пред Собранието.
Улицата е блокирана во близина на Парламентот на Србија и кампот на поддржувачи на владата, познат како Чациланд, кој моментално е чуван од полициски кордон.
Меѓу собраните е и Дијана Хрка, која носи маица со натпис „Мајка против машинеријата“, икона и фотографија од нејзиниот син.
На комеморативниот собир во Нови Сад на 1 ноември, десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Една година по смртта на 16 лица никој не е прогласен за виновен.
Во раните утрински часови на 1 ноември, граѓа цвеќиња и свеќи, а во 11:52 часот, кога се сруши настрешницата, беше одржано 16-минутно молчење во спомен на жртвите.
Дијана Хрка, чиј син е меѓу жртвите, во говорот пред толпата на митингот на 1 ноември рече дека ја започнува својата борба и најави штрајк со глад пред Градското собрание на Белград.
„Морам да знам кој го уби моето дете, кој уби 16 лица. Некој мора да одговара за ова“, рече таа.
Трагедијата во Нови Сад ја промени Србија - од едната страна е владата, отелотворена во популистичкиот лидер Александар Вучиќ, додека од другата страна се антивладините сили, предводени од студентското протестно движење.
Илјадници антивладини демонстранти се на улиците на Србија барајќи предвремени избори. Владата остава простор за предвремени избори, но одбива да ги распише.
До 11 часот гласале 10 отсто од гласачите
Одзивот на гласачи до 11:00 часот изнесува 10,10 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
Излезноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти, а податоци се добиени од 611 избирачки места или 89,20 проценти.
На вториот круг избори за градоначалници во 32 општини и град Скопје, најмала излезност има во општината Сарај - 1,86 отсто, а најголема излезност е регистрирана во општината Пробиштип, каде што гласале 22 отсто од избирачите.
Портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Радица Тодорвска истакна дека гласањето се одвива непречено без поголеми проблеми, освен оној помал технички проблем во Дојран со УБИК апаратот, но проблемот е надминат и гласањето е продолжено на стариот начин на гласање со УВ ламба и спреј.
МВР: Приведено лице во Шуто Оризари и 10 пријави за прекршување на изборниот молк
Од Министерството за внатрешни работи денеска известија за нарушување на изборниот молк во неколку подрачја.
„За време на предизборниот молк, во текот на 01.11.2025 до 07:00 часот на 02.11.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 10 пријави за нарушување на изборниот молк од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани.
Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето“, велат од министерството за внатрешни работи.
Косовските власти приведоа српски полицаец на граничниот премин Јариње
Косовските власти приведоа припадник на српската полиција на граничниот премин Јариње, кој ги поврзува двете земји, под сомнение за неовластен увоз на муниција и неовластено поседување оружје и експлозивни материјали.
Косовската полиција не го објави името на уапсениот маж, но рече дека тој е државјанин на Косово и Србија и дека бил уапсен утрото на 1 ноември.
Тој беше приведен додека властите истражуваат.
Во својот дневен извештај од 2 ноември, косовската полиција објави дека од автомобилот на осомничениот, со српски регистарски таблички, пронајдени се и земени 51 куршум, 9.900 евра во готово и 26.000 српски динари.
„Лични документи како што се лична карта заедно со значка на српската полиција, лична карта на синдикатот на српската полиција, лични карти на Србија и Косово, српски пасош, пар ракавици и USB-уред се земени од осомничениот“, се наведува во соопштението.
Неговото апсење доаѓа неколку месеци откако Косово протера двајца припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија во јуни под сомнение за нарушување на националната безбедност и им забрани влез во траење од пет години.
Канцеларијата на Владата на Србија за Косово тогаш објави дека Косово протерало вкупно 11 косовски Срби кои се дел од српската полиција. Сепак, косовските власти не открија колку членови на српското министерство за внатрешни работи се протерани досега.
Во меѓувреме, Србија уапси припадници на косовската полиција, а неодамна и полицаецот Арбнор Спахиу, кој е во притвор од 9 јуни во Суботица, град на север од Србија.
Србија го обвинува Спахиу за извршување на „тешко убиство“ во Бањска - северниот дел на Косово - каде што група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во септември 2023 година, убивајќи го наредникот Африм Буњаку.
Сепак, косовската полиција потврди дека Спахиу не бил припадник на полицијата во тоа време.
Бесплатна телефонска линија за пријавување изборни повреди
Во канцеларијата на Народниoт правобранител денеска, 2 ноемрви, од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која што граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Како што соопштуваат од канцеларијата на Омбудсманот, отворени за граѓаните (покрај главната канцеларија во Скопје) ќе бидат и подрачните канцелари на народниот правобранител во: Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица во Тетово со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
„Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310 и Куманово: 031 431-488,Струмица 034 329 -996 и Штип 032 389-700“, се наведува во соопштението од Омбудсманот.
Оттаму дополнуваат дека Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
„Избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела. Исто така, народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање“, истакнуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Украина нападнала руски нафтен објект во Црното Море, продолжува битката за Покровск
Напад со украински беспилотни летала го погоди руското црноморско пристаниште Туапсе на 2 ноември, при што запали танкер за нафта и оштети пристанишна инфраструктура, во најновиот од серијата напади врз клучниот нафтен сектор на Москва.
Извор во Безбедносната служба на Украина (СБУ) за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека испукале десетици дронови кон објектот, кој беше цел на повеќекратни напади оваа година.
„Беа регистрирани пет удари со дронови. Како резултат на нападите, танкер се запали, а најмалку четири носачи на танкери за нафта беа онеспособени. Пристанишните згради беа исто така оштетени“, рече изворот.
„Безбедносната служба продолжува да напаѓа врз руската инфраструктура за рафинирање на нафта, што му дава на непријателот ресурси за агресија против Украина“, додаде изворот.
Руските власти изјавија дека „фрагменти од дронови паднале врз танкер за нафта, оштетувајќи ја надградбата на палубата. Избувнал пожар на бродот, а екипажот бил евакуиран“.
Нападот се случи откако украинските воени власти соопштија дека нивните сили се обидуваат да го задржат под контрола источниот град Покровск, на фронтовската линија, додека руските сили започнаа напади со ракети и беспилотни летала на различни локации во текот на ноќта од 1 до 2 ноември.
„Го држиме Покровск“, напиша на Фејсбук на 1 ноември врховниот командант на Украина, генерал Олександр Сирски.
„Сеопфатна операција за уништување и отстранување на непријателските сили од Покровск е во тек“, додаде тој еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече борбата за претежно уништениот град „наш приоритет“.
„Русите сакаат да ја претворат целата наша земја во она што му го прават на Покровск, на Купјанск и на другите градови и заедници. Тие мора да бидат запрени таму каде што стигнале - и уништени таму“, рече Зеленски на 31 октомври.
Зеленски додаде дека руските сили собрале околу 170.000 војници во областа Покровск и дека претрпуваат големи загуби. Тој не зборуваше за нивото на украински војници или загубите.
По извештаите на западните медиуми, Киев потврди дека специјалните сили се распоредени во стратешкиот град - кој пред војната имал околу 70.000 жители - бидејќи руските сили тврдеа дека ги опколиле украинските бранители таму.
Проценките покажуваат дека помеѓу 200 и 400 руски војници сега се распоредени во источните области на градот во регионот Донецк, користејќи урбан терен, подруми и цивилни маски за да избегнат откривање од страна на Украина.
Како и главните градови во регионот Краматорск и Славјанск, кои остануваат под украинска контрола, Покровск има значајна воена вредност, обезбедувајќи им на украинските сили витални патишта за снабдување.
Аналитичарите предупредуваат дека падот на градот би можел да отвори пат кон запад кон Дњепропетровск за руските сили, ставајќи ги во опасност јужните региони на Украина.
ДИК: Излезноста до 9 часот изнесува 2,88 отсто
Сите избирачки места се навреме отворени, а гласањето тече во најдобар ред и без проблеми, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција на вториот круг од локалните избори за градоначалници.
Поради технички проблеми со уредот за биометриска идентификација имало мал застој во гласањето на избирачкото место 0385 во Дојран, но проблемот е решен и сега гласањето тече без проблем, уверуваат од ДИК.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко информираше дека до 9 часот гласале 22379 избирачи или 2,88 отсто.
Ова е мало намалување во споредба со првиот круг кога излезноста на ниво на државата до 9 часот изнесуваше 3, 05 проценти.
Кондарко најави дека претставници на ДИК ќе посетат некои избирачки места во текот на избрниот ден, како и по затворањето на гласачките кутии.
Израел предупреди на интензивни напади врз Хезболах во јужен Либан
Израел на 2 ноември предупреди дека неговата војска ќе ги засили нападите против Хезболах во јужен Либан, еден ден откако либанското министерство за здравство објави дека четири лица се убиени во израелски воздушен напад.
И покрај прекинот на огнот со либанската милитантна група од ноември 2024 година, Израел одржува војници во пет области во јужен Либан и продолжува со редовните напади.
„Хезболах си игра со оган, а претседателот на Либан одолговлекува“, изјави министерот за одбрана Израел Кац.
„Обврската на либанската влада да го разоружа Хезболах и да го отстрани од јужен Либан мора да се спроведе. Максималното спроведување ќе продолжи, па дури и ќе се интензивира - нема да дозволиме никаква закана за жителите на север.“
Илјадници Израелци кои живеат во близина на северната граница со Либан беа принудени да ги евакуираат своите домови со месеци откако Хезболах почна да испукува ракети кон Израел по избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година.
Тоа предизвика конфликт што траеше повеќе од една година, а кој кулминираше со два месеци отворена војна пред да се договори минатогодишното прекин на огнот.
Милитантната група поддржана од Иран, која се спротивставува на Израел, е сериозно ослабена од војната, но останува вооружена и финансиски отпорна.
Во септември 2024 година, Израел го уби долгогодишниот водач на групата, Хасан Насрала, заедно со многу други високи лидери во текот на војната.
Од прекинот на огнот, САД го зголемија притисокот врз либанските власти да ја разоружаат групата, план на кој се спротивставуваат Хезболах и неговите сојузници.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете